Дино Имери - солист со Софиска Филхармонија и Маестро Тодоров (Ново)

Спектакуларен концерт на Дино Имери со Софиската Филхармонија и Маестро Најден Тодоров

Најавуван како "големото име - надежта на современата македонска музика", а испратен со стоечки овации во концертната сала "Бугарија", еден од најперспективните македонски пијанисти на публиката и подари 2 биса по редовната програма. По изведбата на виртуозниот "Бумбаров Лет" од Римски-Корсаков во транскрипција на Ѓ. Цифра, бравурозната интерпретација ја крена публиката на нозе, по што и самите оркестарски музичари се приклучија во громогласниот аплауз. 

"Навистина имам единствено позитивни впечатоци од мојот престој како гостин на прекрасниот оркестар. Соработката со диригентот, оркестарот и организацијата беше на високо професионално ниво, а посебно ми значи што многубројната публика ме прими на незаборавен начин. Со големо задоволство ја прифатив поканата повторно да настапам со овој оркестар, веќе следната сезона." - изјави Имери по настапот. 

Нашиот пијанист доби многубројни комплименти од голем број музичари, критичари, слушатели меѓу кои и Маестро Тодоров кој изјави "Уште од нашата прва заедничка проба, јас и музичарите од оркестарот посакавме Имери повторно да ни гостува идната сезона. Имаме потреба да работиме со вакви музичари. Се работи за исклучителен талент кој и покрај својата младост име стекнато големо музичко искуство."

Пред концертот беше организирана и средба со солистот и диригентот, на која публиката имаше можност да се запознае лично со изведувачите, како и да ги слушне нивните ставови за програмата на концертот, како и нивните размислувања за музиката.

Дино Имери го изведува "Бумбаров Лет" од Римски-Корсаков во транскрипција на Ѓ. Цифра
http://www.youtube.com/watch?v=712r9M7-Mhg

За повеќе информација посетете  http://www.sofiaphilharmonie.bg/page.php?c=159 како и  http://www.sofiaphilharmonie.bg/page.php?c=172 за програмски детали.