Спектакуларен концерт во Софија - Рахмањинов Трети концерт + 3 биса! (15.10.2015)

Нов подвиг на пијанистот Дино Имери - го изведе најтешкото дело за пијано во Софија
Еден од најистакнатите македонски пијанисти Дино Имери повторно ја воодушеви публиката во Софија каде настапи со Софискиот Филхармониски Оркестар под диригентство на Маестро Најден Тодоров на 15.10.2015 во преполната концертна сала "Бугарија" каде заедно го изведоа Третиот Концерт за пијано и оркестар од композиторот Сергеј Рахмањинов.

Дино Имери повторно блесна во Софија, а по маестралната изведба на комплексното 50-минутно дело публиката не му дозволи на пијанистот да ја напушти сцената се' додека тој не изведе дури 3 биса - секој од нив обработка на младиот пијанист на дела од Франц Лист и македонскиот композитор Александар Џамбазов. 

Настапот на Имери беше проследен од КЛАСИК ФМ Радио-Софија како и Бугарското Национално Радио кое го снимаше концертот притоа емитувајќи специјална програма посветена на нашиот пијанист на која прозвучеа дела од странски, но и домашни автори во изведба на Имери. Според раководството на оркестарот "..навистина е тешко да се најде нов предизвик за овој млад и брилијантен музичар, бидејќи со неверојатна леснотија го совлада и изведе најтешкото дело за пијано! Но, со сигурност можеме да очекуваме нови плодни соработки во иднина."

По концертот, Имери изјави дека "..беше голем предизвик, кој потоа се преточи во големо задоволство да се научи, спреми и изведе едно од најтешките композиции напишано за пијано - Концертот бр.3 на С. Рахмањинов. За прв пат го изведувам токму со прекрасниот Софиски Филхармониски Оркестар и Маестро Тодоров. Овој концерт ќе ми остане во сеќавање, а со големо нетрпение ја очекувам мојата следна средба со публиката во Бугарија."